редовен професор
![]() |
|
| +389 (0)2 3116 328 / 141 | |
Слободан Велевски (роден 1976 година) е редовен професор на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Тој е дел од Институтот за урбанизам, а заедно со Марија Мано Велевска од 2014 година и Благоја Бајковски (2020) го раководи интегративното студиото Обрасци на раст и Раст 2.0 во последниот семестар на студиите по архитектура. Темите и проектите во ова студио се изработуваат во размерот на архитектонскиот-урбанизам и истите негуваат критичка мисла којашто користи специфичен метод на проектирање каде академското истражување се артикулира во проектантска техника.
Во 2013 година под менторство на Проф. Влатко П. Коробар ја завршува својата докторска теза „Гранични состојби помеѓу идеите и реалноста на современиот град: Од утопијата на посакуваното кон хетеротопијата на хипер-реалното“ која го истражува влијанието на утописките наративи врз идејата за современиот град. Претходно, Слободан Велевски дипломира на Архитектонскиот факултет во Скопје (2002) под менторство на Проф. Гоце Аџи-Митревски, додека своите магистерски студии ги завршува на Институтот за Архитектура во Десау во Германија (2007) како стипендист на ДААД (Deutscher Akademischer Austauschdienst) под менторство на Проф. Нил Лич.
Работното искуство го започнува во 2003 година во Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје, и потоа од 2005-2007 година во престижните архитектонски бироа на Шигеру Бан во Париз (2005), Дејвид Чиперфилд Архитекти во Берлин (2006) и истражувачката лабораторија за „Просторна синтакса“ во Лондон (2007).
Во 2018 година заедно со Марија Мано Велевска е куратор на изложбата Ослободување-на-просторот со која Република Македонија се претставува на 16тото архитектонско биенале во Венеција. Проектот и изложбата претставуваат ансамбл на различни концептуални, социјални, политички и симболички искуства на просторот на градот. Тие се претставени преку дистинктивни фрагменти на архитектонското и културното наследство на Скопје во отворена и повеќеслојна формација.
Во изминатиот период, самостојно или како ко-автор активно учествува во низа истражувачки проекти, научни конференции и семинари, работилници, публикации и архитектонско-урбанистички проекти и конкурси. Заедно со Марија Мано Велевска е автор на книгата „Разговори“ и едицијата Раст составена од 10 книги. Во книгата Разговори авторите зборуваат за значењето, вредноста и особеностите на архитектурата со еминентни имиња од светот на современата архитектонска мисла, додека во едицијата Раст, тие ги публикуваат своите автентични тези и согледувања за современата архитектонска теорија и пракса проверена преку тематски проекти изработени со своите студенти.
Слободан Велевски верува дека улогата на архитектот во општеството мора да ги надмине досегашните рамки на делување и дека создавањето современа архитектура е колаборативен процес во кој делото може да биде и вербално и материјално, но дека тоа секогаш мора да се стреми да ги отслика искуствата на мноштвеност и етика.
